Мунир Колашинац ја објави кандидатурата за градоначалник на Скопје

Мунир Колашинац, претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) и официјално е кандидат за градоначалник на Град Скопје.

По само неколку дена од најавата за самостоен настап на локалните избори, денеска на официјална прес-конференција беше најавена кандидатурата на Колашинац за градоначалник на Град Скопје.

Покрај него, Бошњачкиот демократски сојуз, на овие избори ќе настапи со свои градоначалници во Општина Чаир, каде кандидат е Елдан Џигал, во Општина Долнени, каде кандидат ќе биде Адмир Ујкановиќ и во Општина Велес, каде кандидат ќе биде Семир Алимов.

Според претседателот на партијата и кандидат за градоначалник на Скопје, овие избори ќе бидат вистинска промена на енергијата на главниот град.

„Среќен сум што сум денеска овде пред сите вас, и што имам можност да се претставам на граѓаните. Ние сме млада партија, која има голем ентузијазам да делува и да мпридонесе добро за сите нас во Скопје. Доаѓам од бошњачката заедница, но едно
знам дека ќе бидам градоначалник на сите. Нашата цел е да прикажеме планови, цели и реализација на истите, да не бидеме во редот на оние кои ветуваат, а не остваруваат. На овие избори ќе настапиме поинаку, ќе настапиме визионерски, и од таму е и нашиот слоган ПОИНАКВО СКОПЈЕ ЗА СИТЕ НАС”, изјави Колашинац.

Тој најави дека приоритет ќе му бидат неколку клучни проекти и промени за главниот град.

„Во нашата програма имаме зацртано неколку клучни проекти, кои се голем и горчлив проблем на скопјани. Ќе се фокусираме на нашата животна средина, на еколошките проблеми, ќе воведеме ред во сообраќајот, ќе инвестираме во младите и нивниот напредок, ќе ги поедноставиме административните процедури, ќе создадеме површини со кои ќе се гордееме. Ќе посветиме внимание на кејот на Вардар, на преубавото Водно, на препознатливото Кале, духот на Скопје нашата Стара чаршија и незаменливата Матка. Ќе придонесеме за олеснето движење и достапност на сите знаменитости за лицата со попреченост. Сакаме Скопје да биде вистинска мека за сите. Ќе придонесеме за развој на градот во една поинаква насока, да бидеме горди што сме скопјани и да бидеме пример за другите”, подвлече Колашинац.

Ова е прв самостоен настап на една бошњачка партија на избори во Република Северна Македонија. Во наредниот период ќе бидат објавени јавно сите планови и проекти за кои партијата и нејзините кандидати ќе се залагаат на овие избори.

03.09.2021 - 13:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега