МОН и БРО најдоа решение: И седмоодделенците ќе имаат учебници од септември

По неколкудневни разговори Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието изнајдоа решение за непречена реализација на воспитно –образовниот процес за учениците од седмо одделение. Од септември тие ќе можат да ги користат учебниците кои се применуваат досега, со додатни материјали кои ќе бидат изработени од страна на Бирото за теми кои недостасуваат во истите, а предвидено е да се изучуваат годинава. За оваа цел е донесена и одлука за одложување на имплементацијата на Концепцијата за основно образование, во седмо, осмо и деветто одделение.

Предизвикот со генерацијата ученици кои од септември ќе бидат седмо одделение, настана поради тоа што досега не беа изработени нови учебници за нив, согласно новите наставни програми и Концепција. Иако претходното раководство јавно информираше дека сите учебници се изготвени и се печатат, реалноста е дека ниту еден не е испечатен, а најголем дел не се ниту изработени, ниту одобрени.

Министерството за образование и наука изразува благодарност до директорот на Бирото за развој на образованието, Абдулфета Фетаи и до сите кои учествуваа во процесот на изнаоѓање решение и очекува продолжување на добрата соработка во интерес на учениците и нивна квалитетна едукација.

МОН информира дека целосно нови учебници за седмо одделение ќе има од учебната 2025-2026 година. Доколку Концепцијата за основно образование која влегува во процес на ревидирање, согласно мислењата на наставниците и другите засегнати чинители во воспитно – образовниот процес, биде изменета и има потреба, ќе бидат изготвени и нови наставни програми и учебници и по други одделенија.

05.07.2024 - 15:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега