Условите во реновираниот државен студентски дом „Стив Наумов“ се одлични, а појавата на одредени проблеми во собите претставуваат изолирани ситуации кои веднаш се санираат од страна на изведувачот бидејќи објектот е под гаранција, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).
Реакцијата на министерството доаѓа по јавните реакции и обвинувањата во дел од медиумите и од опозицијата дека неполн месец по целосното реновирање вредно милиони евра, во дел од собите се појавила влага и протекува вода, а студентите наводно немаат ниту греење ниту топла вода.
Од МОН појаснуваат дека дел од несаканите ситуации на терен се предизвикани и од несоодветно користење од страна на самите корисници.
„Раководството на домот се соочи со запушена канализација поради фрлени влажни марамици; активиран алармен систем поради заборавена храна во вклучена микробранова печка во чајна кујна, како и поради запалена цигара во соба; откорнат радијатор; паркирани автомобили на зелени површини во дворот на домот… Сите ситуации се надминати“, истакнуваат од министерството.
Од таму потсетуваат дека реконструкцијата на „Стив Наумов“, кој е првиот од вкупно деветте студентски домови што се опфатени со големиот проект за енергетски ефикасно реновирање со поддршка од Европската Унија, заврши неодамна, со цел да им се обезбедат современи услови за живот на околу 1 150 студенти.

