Сите потребни медикаменти и медицински материјали за згрижување на заболените пациенти секојдневно се доставуваат до болницата во Гостивар, потврди министерот за здравство Сашо Клековски. Тој апелираше до граѓаните да избегнуваат самолекување и земање терапии на своја рака, нагласувајќи дека секој пациент со симптоми мора заддолжително да биде прегледан од матичен лекар кој ќе му одреди соодветна прескрипција.
Како што посочи тој, во тек е и вонредна набавка на специјални панели за контрола на вируси за потребите на подрачната единица на ЦЈЗ Гостивар. Од Министерството подвлекуваат дека сите здравствени капацитети се ставени во состојба на целосна подготвеност за редовно следење на состојбата.
Клековски упати предупредување во однос на терапијата и лекувањето во домашни услови:
„Дали државата ќе ѝ помогне на болницата кои што имаат сега секакви проблеми во однос на медикаменти, сето тоа што треба да го набават за да сега закрепнат овие случаи кои што ги имаат. Значи во основа болницата известува на дневна основа што ѝ недостасува и тоа се доставува во болницата. Сето друго е обврска на матичните лекари, на прескрипција на лекарства. Кога се лекуваат тие на своја рака, земаат електролити, секако земаме да разговараме, ама јас не можам да поткрепам лекување на своја рака. Мислам, јас сум министер за здравство, што да речам, на своја рака да се лечат? Мора да има прескрипција од матичен лекар.“
Набавка на вирусни панели и лична хигиена
Во однос на превенцијата од дополнителни инфекции, министерот го изнесе следново:
„Опашки од епидемијата може да се јават од нехигиена, односно од болести на немиење на раце, условно да кажам. И затоа на секој прес-настап повикувам на совест и придржување до препораките и нормално до личната хигиена. Во контакт со Центарот за јавно здравје – подрачна единица Гостивар, веќе се прави набавка на панели за контрола на вируси кои би можеле да се појават заради нехигиена на раце. Редовно ќе се следи, технички се спремни, алармирани се сите, алармирани се матичните доктори.“


