Општините и нивните јавни комунални претпријатија ја носат целосната правна и оперативна одговорност за квалитетот и контролата на водата за пиење, порача министерот за здравство Сашо Клековски. Тој појасни дека комуналните претпријатија се тие што самостојно избираат кој ќе ја врши испитувачката дејност, нагласувајќи дека Центарот за јавно здравје Тетово во моментов има склучено договори за мониторинг само со Тетово, Гостивар и Брвеница.

Според неговите тврдења, локалните самоуправи мора да идадат апсолутен приоритет на квалитетот на живеење и водоснабдувањето во руралните средини. Од Министерството посочуваат дека државата преку Националната програма обезбедува дополнителни контроли, но основната обврска за безбедна вода лежи во децентрализираните општински надлежности.

Клековски отворено ги лоцираше обврските на јавните претпријатија:

„Контролата на водата е одговорност на јавните комунални претпријатија. Јавните комунални претпријатија избираат кој ја врши контролата на исправноста на водите во нивните подрачја, каде што се одговорни. И заради транспарентност, да кажам дека Центарот за јавно здравје Тетово во овој момент има договори со три (од можни многу повеќе) јавни комунални претпријатија, значит има договор со Тетово, со Гостивар и Брвеница. Другите јавни претпријатија, другите општини имаат договори со други обезбедувачи на оваа услуга, затоа што ова е одговорност на јавните комунални претпријатија и на општините.“

Децентрализацијата го дефинира сопственикот на водоводот

Во однос на прашањето за загадените локални водоводи низ селата, министерот го потенцираше следново:

„Секој што бил во рурална Македонија знае дека значителен дел од плитките бунари (зборам за бунари до 10-15 метри) се загадени бактериолошки. Повеќето знаат дека локалните водоводи кои во минатото се градени од месните заедници, а не од општините, посебно во летните месеци се загадени. И тоа не е состојба од вчера за денес, тоа е состојба со години. Меѓутоа, водоснабдувањето на населението е одговорност на општините. Затоа имаме децентрализација, затоа ги имаме општините кои имаат одредени одговорности. И мислам дека тие прашања треба да се постават до градоначалниците без разлика од која партија се, мислам да не ги делиме општините по партии.“

Exit mobile version