Состојбата со бактериолошката неисправност на локалните водоводи во руралните средини за време на летниот период е децениски проблем, предупреди министерот за здравство Сашо Клековски, посочувајќи го примерот со селото Лешок. Како што соопшти тој, ниските водостои и зголемената потрошувачка поради доаѓањето на дијаспората редовно го зголемуваат ризикот од загадување, но нагласи дека во Лешок граѓаните се навремено известени дека водата од чешмите е исклучиво техничка.
Според информациите од ресорниот министер, во Лешок питката вода за населението се обезбедува од локалната диспанзерија. Од Министерството очекуваат дека по интервенцијата на месната заедница и планираните соодветни проверки во текот на оваа недела, водата во ова населено место конечно ќе биде прогласена за исправна за пиење.
Клековски ја појасни фактичката состојба на терен во тетовско Лешок:
„Не е тајна дека во поголем дел од рурална Македонија, најголем дел од локалните водоводи се неисправни од бактериолошки причини, посебно во летните периоди заради ниските водостои и зголемените потреби за вода поради враќањето на дијаспората во летните месеци. Состојбата во Лешок не е тајна, затоа што таа трае да не кажам со децении, најмалку последната деценија во летните месеци. Министерството за здравство меѓу 2017 и 2022 година можело да ги види редовните наоди што стигале до нив, дека и тогаш водата била неисправна, и населението тоа го знае и се придржува кон упатствата што ги добиваат за постапување.“
Се очекува нормализирање на водоснабдувањето
Министерот го образложи и техничкиот зафат што го презема локалното население:
„Водата за пиење во Лешок се обезбедува од диспанзеријата, тоа е редовна постапка, а водата од чешмите е подобна само за техничко користење. Со иницијатива на месната заедница е направен зафат за решавање на проблемот. Водоводот во Лешок во основа го управува месната заедница, како многу рурални водоводи, и се очекува во текот на неделата да се направат две проби, за да се види дека таа вода од водоводот веќе нема да биде техничка, туку ќе биде исправна за пиење, не само за болницата, туку за целото населено место.“


