Министерство за правда: ВМРО-ДПМНЕ манипулира, не се злоупотребува европското знаменце

Од Министерство за правда ги отфрлаат обвинувањата од координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, дека Владата сака насила да „протне“ 12 закони со европско знаменце.

Оттаму велат дека повеќето од овие закони се на Министерството за правда и се дел од Стратегијата за реформи во судството чие спроведување е, како што наведуваат, наша обврска кон граѓаните и кон ЕУ.

„ Дел пак, како на пример Предлог-законот за академија за судии и јавни обвинители се работени во директна координација со Европската комисија. Дополнително, сакаме да потсетиме на процедурата, односно некој закон да добие европско знаменце не е важно колку членови се усогласуваат. Важно е само дали има усогласување или не. Во случајов секако дека има. Исто така, овие закони се дел од Националната програма за усвојување на европското законодавство и го имаат потребниот ЕПП број.

Од партијата ВМРО-ДПМНЕ тоа добро го знаат и со жалење констатираме дека наместо да влезат во собраниска дебата со цел да дадат и свои предлози, тие свесно манипулираат на штета на реформите во судството, а со тоа и директно на граѓаните. Некои од овие Закони, како на пример оној за парнична постапка се двотретински, така што гласовите и соработката со опозицијата ќе биде потребна со цел заедно да придонесеме за судските реформи за кои толку многу говориме“ се наведува во реакцијата.

Овие законски решенија, како што се додава, треба да обезбедат олеснети судски постапки во граѓанските предмети и зголемување на транспарентноста во работата на судовите. Велат дека некои од тие закони веќе одамна се подготвени од Министерството за правда, усвоени и испратени во Собранието, но поради блокадите на опозицијата тие долго време не се нашле пред пратениците.

07.09.2021 - 16:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега