Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека веќе разговарал со носителот на победничката листа во Србија, Срдановиќ, и му ја честитал изборната победа, изразувајќи очекување дека добрососедските односи меѓу двете земји ќе продолжат и во иднина.
„Очекувам нашите добрососедски односи да продолжат и понатаму. Очекувам како добри соседи да работиме на зголемување на нашата економија и во едната и во другата земја“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека со Срдановиќ веќе се слушнал телефонски.
„Веќе се слушнавме со носителот на листата, господинот Срдановиќ, каде што честитав на изборната победа. Како добри соседи, се разбира, меѓу првите ја истакнавме честитката“, изјави премиерот.
Мицкоски се осврна и на критиките од опозицијата во Македонија, оценувајќи дека во следниот период очекува засилена политичка кампања насочена кон него.
„Јас сум навикнат на навредите, на конструкциите и на лагите кои ги слушам за мене, а кои доаѓаат од партиската говорница на таа опозициска партија. Тие би сакале јас да се спуштам на тоа ниво и на ист начин да им одговорам. Се разбира дека тоа нема да се случи“, рече Мицкоски.
Според него, приоритет на Владата ќе останат реформите, проектите и економските политики.
„Ние ќе се бориме со реформи, со проекти, со политики кои обезбедуваат иднина, а тие, бидејќи немаат што да понудат, ќе продолжат да ме навредуваат. Од мене им е простено, а останатото останува на нив“, изјави Мицкоски.

