„Ова е настан кој е рамо до рамо со денот на прогласување на независноста“, оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја одлуката за затворање на постмониторинг-дијалогот на Македонија со Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ).
Од Тетово, каде присуствуваше на отворање на училиште, Мицкоски истакна дека ова признание од Стразбур е доказ дека Македонија е зрела демократија. „Европа признава дека оваа држава е зрела демократија, дека се почитуваат човековите права и дека имаме функционална Влада. Со тоа, ние сме единствената држава од Западен Балкан која сега нема никаков ниту мониторинг, ниту постмониторинг. Сите останати, вклучително и таканаречените фронтранери, се под некаков надзор“, рече премиерот.
Тој направи паралела и со соседна Бугарија, потсетувајќи дека земја-членка на ЕУ излегла од оваа фаза пред само неколку месеци. Според Мицкоски, ова е доказ дека актуелната Влада ги надминала сите претходни во делот на почитување на слободата на говорот и демократските вредности. Премиерот упати благодарност до пратениците од Мешовитата комисија, до Советот на Европа и Европскиот парламент за донесената одлука.

