Владата ги заврши текстовите на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка, а до крајот на месецот истите ќе бидат испратени на мислење до Европската комисија, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Говорејќи по повод отворањето на ново училиште во Општина Гази Баба, премиерот ги објасни следните чекори во процедурата за донесување на овие закони.
„Тоа е процес што трае многу одамна, мислам дека е од 2019 година. Оваа Влада конечно дојде до ситуација да ги затвори овие два закона. Јас вчера имав состанок со министерот за правда, заменик од Министерството за правда, луѓето од кабинетот, луѓето од СДСМ, но и луѓето од работната група. Во понеделник тие ќе имаат состанок на којшто ќе направат „фино нивелирање“ на сето она што го разговаравме вчера. Од Министерството за европски прашања нѐ информираа дека се преведени. Ќе бидат корегирани оние делови што во понеделник ќе претрпат измени и очекувам до крајот на месецов да ги пратиме до Европската комисија на мислење и потоа да чекаме мислење од Европската комисија“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека законските текстови се подготвени согласно препораките и европските стандарди, упатувајќи критики кон претходната власт за измените донесени во нивниот мандат.
„Сега, за жал, рацете се врзани и не можат така едноставно да бидат изведени пред лицето на правдата, иако сите ние знаеме дека тие од голтари станаа милионери и тоа претставува уште едно непријатно изненадување за граѓаните“, рече Мицкоски.

