Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, истакна дека Владата работи на максимум, но дека кај одредени поединци постои дилема за нивната посветеност, поради што ќе бидат опоменати, а доколку не се коригираат, ќе следат промени.
- Ние кажувавме дека состојбата е тешка и не можеме да ветуваме чуда. Јас се будам и заспивам со мислата дали даваме се од себе. Кај поединци имам задршка и ги опоменувам дека можат повеќе да дадат, рече Мицкоски во интервју за „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа.
Премиерот додаде дека оваа генерација нема простор за импровизации и репризи и дека мора офанзивно да се работи за да се постигне консолидирање.
- Ако народот види дека вложувате срце и труд, ќе ви прости. Но ако се однесувате надмено, не одговарате на пораки, не се поздравувате, тоа никогаш нема да ви го прости, нагласи Мицкоски.
На прашањето за задржки околу конкретни имиња во најавената реконструкција, премиерот потврди дека тоа се однесува не само на Владата, туку и на институциите, и дека некои поединци не се доволно посветени или се однесуваат несоодветно.
- Имам задршка, точно, и тоа сум го кажал лично. Не зборувам само за Владата, туку и за институциите кои се дел од неа, рече Мицкоски.

