Повеќе од 4.500 лажни корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност биле откриени при проверките што ги спроведува Владата, тврди премиерот Христијан Мицкоски.
Според него, меѓу лицата за кои државата исплаќала средства имало починати, иселени и фиктивни корисници.
„До овој момент имаме повеќе од 4,5 илјади, значи не 45, не 450, туку 4,5 илјади лажни корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност“, рече Мицкоски.
Тој тврди дека по извршените проверки, исплатата за овој месец е за околу 200 милиони денари помала во споредба со истиот месец минатата година.
„Како е тоа возможно? Возможно е затоа што корисници биле, за жал, починати луѓе, отселени луѓе, лажни луѓе и така натаму“, изјави премиерот.
Според неговата проценка, на годишно ниво од буџетот се трошеле меѓу една и една и пол милијарда денари за вакви исплати.
Мицкоски посочи дека проверката сè уште не е целосно завршена и дека останува да се проверат уште околу една петтина до една шестина од корисниците.
Тој најави дека контролите ќе продолжат и во други сектори, меѓу кои и здравството.
Премиерот оцени дека финансискиот ефект од ваквите проверки може да достигне околу 25 милиони евра годишно.


