Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, за време на денешната промоција на новите комунални возила за општините, изјави дека актуелната владина гарнитура изминатите 26 месеци се борела со уништени институции и заборавени проекти, успевајќи да го задвижи инвестицискиот циклус во земјата.

Премиерот истакна дека се децентрализирани половина милијарда евра од централниот буџет кон општините за капитални проекти, меѓу кои е и денеска претставената механизација за подобрување на комуналната хигиена.
„Изминативе 26 месеци се боревме со распаднати и уништени институции, со држава ограбена и клекната на колена, довршувавме проекти коишто беа започнати и заборавени, градевме експресни патишта, делници од пруга и продолжуваме да градиме експресни патишта и делници од пруга“, истакна Мицкоски.
Тој најави дека по набавката на комуналната опрема, следниот проект ќе биде испораката на електрични автобуси за општините со цел организирање на еколошки јавен градски превоз. Притоа упати и апел до граѓаните за почитување и чување на животната средина.
„Им честитам на сите оние коишто ќе добијат нова механизација, нови алатки да се справуваат со сметот, повикувам и на општествена одговорност и на граѓа непречно да си ја чуваме животната средина. Денеска можеме да кажеме дека Македонија после 3 години е подобро место за живеење од пред 3 години, а јас ви гарантирам дека за 3 години ќе биде уште подобро место за живеење од денеска“, порача премиерот.
Мицкоски се заблагодари на поддршката од Светска банка, Министерството за транспорт, пратениците и градоначалниците, подвлекувајќи дека Владата ќе продолжи со реализација на ветените проекти.