Еден пациент починал, а регистриран е и еден нов сомнителен случај на западнонилска треска во изминатите три дена, информираше министерот за здравство Сашо Клековски.
Починатиот пациент бил 69-годишен маж од Општина Гази Баба, кој имал претходни здравствени проблеми (коморбидитети) и бил хоспитализиран повеќе од 38 дена.
Со овој смртен случај, вкупниот број на починати лица од западнонилска треска во земјава се искачи на седум. Министерот Клековски посочи дека сите починати пациенти досега се мажи.
Во истиот тридневен период е регистриран и еден нов сомнителен случај на вирусот во скопската населба Радишани.
Бројот на хоспитализирани пациенти во моментов останува 19, а здравствените власти соопштуваат дека ја следат состојбата на терен.


