Премиерот Христијан Мицкоски вели дека не е загрижен поради истрагата во Унгарија поврзана со унгарскиот кредит за Македонија и оценува дека станува збор за внатрешна работа на унгарските институции.

„Апсолутно не стравувам, затоа што сето тоа е дел од нашето стратешко партнерство, потврдено од двата парламенти и од двете влади“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека средствата од кредитот биле потрошени на транспарентен начин и очекува унгарските институции да ја завршат истрагата и да излезат со соопштение за заемот.

Мицкоски повторно ѝ се заблагодари на Унгарија, оценувајќи дека таа ѝ помогнала на Македонија во период кога, како што рече, Владата се обидувала да ја извлече државата од финансиските проблеми и долговите наследени од претходната власт.

Коментирајќи ги изјавите од Унгарија за земјите кандидати за членство во Европската Унија, Мицкоски рече дека е убеден оти тие не се однесуваат на земјите од Западен Балкан.

Според него, унгарската поддршка за интеграцијата на Западен Балкан, вклучително и Македонија, досега била недвосмислена и искрена и никогаш не била доведена во прашање.

Мицкоски оцени дека спорните изјави најверојатно се однесуваат на други земји кандидати за членство во Европската Унија.

Exit mobile version