Што се однесува до отвореното прашање со нашиот источен сосед, ние не бараме светот да се прилагодува на нас. Ние бараме да бидеме третирани со иста почит со која ние ги третираме другите. И затоа сакам јасно да кажам: нема да ја градиме иднината врз омраза. Нема да ги претвораме разликите во непријателства. Нема да дозволиме минатото да биде пречка за соработка. Но нема ниту да се откажеме од сопственото достоинство, бидејќи вистинското пријателство не бара откажување од себе. Вистинското пријателство се темели на заемна почит. Вистинската европска иднина мора да биде иднина во која ќе влеземе со исправена глава, не со свиткана и понижена кичма. Не со чувство на пораз и горчина, туку со чувство на припадност.
Ова денеска го кажа премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на Свечената академија по 11 Октомври – Денот на народното востание.
Рече дека се нервозни од опозицијата, затоа навредуваат, најлесно е да лажат и манипулираат.
-Немаат ниту визија, ниту пак програма. Единството нешто кое што го имаат и тука се светски шампиони, е да потпишуваат се што ќе им биде ставено на маса, секој бел лист хартија, само нормално тоа ако може да го платат граѓаните. Нив ги интересира само фотелја и власт, подвлече Мицкоски.
Кажа дека целта на Владата е европска иднина. Но, држава која е сигурна во себе, во својата историја и во својата иднина.
-Достоинство кое не е предмет на преговарање. Сакаме европска иднина, силни сојузништва и пријателства, но со исправена глава. Македонскиот идентитет, јазик и историја се нашето многувековно наследство, нашата гордост и нашата обврска кон идните генерации. Нашата татковина е поголема од секоја партија и секоја влада. Политичките разлики не смеат да бидат посилни од заедничката одговорност. Потребно ни е единство околу големите стратешеки цели, порача премиерот Мицкоски.
Тој меѓу дртугото потернцира дека на 11 Октомври не се одлучувало само како ќе се живее утре, туку вели, се одлучувало и дали идните генерации ќе имаат право сами да одлучуваат за својата судбина.
-Со Бугарија нè поврзуваат соседството, историјата и иднината на овој регион. За минатото можеме да имаме различни толкувања. За иднината мора да имаме заедничка одговорност – да изградиме односи во кои никој нема да мора да го негира другиот за да го потврди себеси. Нашиот јазик не е пречка за европската иднина. Тој е дел од европското културно богатство. Нашиот идентитет не е проблем што треба да се реши, туку достоинство што треба да се почитува. Не бараме Европа да избира меѓу Македонија и Бугарија. Бараме европските принципи да важат еднакво и за Македонија и за Бугарија. Не сакам генерациите што доаѓаат да ја наследат нашата недоверба. Сакам да ја наследат нашата храброст да ги решаваме проблемите, рече премиерот Мицкоски.


