Сè е фарса, ја пуштија Михаилова сега глумат дека ја бараат – Мицкоски го штити Тошковски, порачаа денеска од СДСМ на прес-конференцијата што ја одржа Кети Штерјова.
Од опозициската партија обвинуваат дека наместо преземање вистинска одговорност за пропустите на граничните премини, власта нуди театар за јавноста.
„’Од брат да ми е ќе одговара’ – до никој не одговара! Мицкоски го штити Тошковски. И обратно, Тошковски го штити криминалот на арамијата и Организираната криминална група. Сè што власта прави е фарса. Зад грбот на народот, под маса, ‘под радарот’ се договорија со Бугарија и ја пуштија Ива Михаилова преку граница“, изјави Штерјова.
Според СДСМ, сите потези што се преземаат во моментов се само обид за префрлање на вината и дефокусирање од одговорноста на институциите.
„Наместо одговорност и оставка од Тошковски сега народот гледа театар. Се повикува амбасадорот на Бугарија, се распишува потерница, се бара притвор, префрлаат одговорност на некој друг, се тера медиумска кампања, криви им се Филипче, Заев, СДСМ… Границата е швајцарско сирење, решето и за криминалци и за бегалци од правдата“, истакнаа од СДСМ.
Од партијата потсетија дека одговорноста за безбедноста и дипломатијата е директно кај премиерот и министрите.
„Со МВР раководи Панче Тошковски. Со МНР Тимчо Муцунски. Владата ја води арамијата Христијан Мицкоски. Целата одговорност е кај нив. Полицијата во рацете на власта служи како заштита на криминалот на власта и алатка за гласање. Ништо друго“, изјави Штерјова.
Од СДСМ набројаа и повеќе други случаи за кои тврдат дека покажуваат селективност и пропусти во правосудните и безбедносните органи.
„Пет тони дрога поминаа преку граница. Safe City без закон кој ќе го контролира. Бодигардот на Мицкоски што тепа жени е пуштен. Не реагираа на пријави за семејно насилство што доведе до смрт на мајка и дете. Сериски убиец бил на слобода. Артан Груби излегува на слобода со прослава. Мицкоски поставува обвинител на телевизија. Наредува од собраниска говорница и по телефон. ДКСК и обвинителството ги отфрлаат сите пријави за криминалните тендери“, додаде Штерјова.
На крајот од прес-конференцијата беше посочено дека ваквите состојби се нотирани и во меѓународните извештаи.
„Извештајот на Европската комисија е катастрофален: мешање на Мицкоски во правосудниот систем. Обвинителите ги вика медиокритети. Народот талог и мочуриште. Се апсат за закани кон Мицкоски на социјалните мрежи. Обвинителството не реагира за напад на младите во Ново Село и заканите кон членови на партијата. Закон важи само кога има вперена камера. Не важи кога треба да се истражи касата, границата, тендерот. Се е фарса. Додека арамијата ја води бандата, правосудството е само театарска сцена“, заклучија од СДСМ.

