Решението за употребата на албанскиот јазик во правосудството мора да биде исклучиво во рамките на Уставот и меѓународните стандарди. Ова е пораката што ја испрати премиерот Христијан Мицкоски по вчерашниот протест на граѓани кои бараа полагање на правосудниот испит на мајчин јазик.
Премиерот информираше дека веќе е формирана специјална комисија од уставни експерти која има задача да најде правно издржано решение за овој чувствителен проблем. Тој потсети дека актуелниот Закон за употреба на јазиците е веќе оспорен пред Уставниот суд, а Венецијанската комисија има дадено јасно негативно мислење за двојазичноста во судството.
„Ако навистина сакаме европски да се однесуваме, тогаш мораме да ги почитуваме Уставот и меѓународните стандарди. Факт е дека имаме негативно мислење од Венецијанската комисија. Прво, немаме доволно ресурси за тоа да го имплементираме, а второ, не се гарантира владеењето на правото, односно се создава нееднаквост. Затоа тие силно препорачуваат да се вратиме на законот за јазици од 2008-2009 година“, појасни Мицкоски.
И покрај овие правни пречки, премиерот нагласи дека Владата ги почитува правата на студентите кои студираат право на албански јазик како дел од образовниот систем во државата.
Осврнувајќи се на вчерашниот протестен марш, Мицкоски упати остри критики кон политичките противници. Тој посочи дека присуството на голем број опозициски активисти и функционери на протестот му дало јасна политичка конотација.
„Ние за ова ги информиравме нашите сојузници во НАТО и во рамките на ЕУ – за обидот на опозицијата на одреден начин да направи дестабилизација. Мислам дека тоа не наиде на одобрување од страна на високи претставници на меѓународната заедница“, заклучи претседателот на Владата.


