Францускиот претседател Емануел Макрон упати драматичен апел за зајакнување на борбата против антисемитизмот, по објавувањето на новите владини податоци кои покажуваат дека омразата кон Евреите сè уште е во пораст. Иако во 2025 година е забележан пад на инцидентите од 16% во споредба со претходната година, бројките и понатаму се загрижувачки.
Според извештајот на Министерството за внатрешни работи, минатата година биле регистрирани 1.320 антисемитски дела, што претставува дури 53% од сите инциденти поврзани со религија во земјата. Министерството посочува дека овие бројки се одржуваат на историски рекордно ниво веќе трета година по ред, особено по ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток во 2023 година.
На церемонијата по повод 20 години од свирепото убиство на младиот Илан Халими, Макрон порача дека е потребна мобилизација на сите општествени слоеви – од училиштата до правосудството. Тој особено го нагласи „отровот на омразата на интернет“ и побара од Европската комисија да ги повика големите технолошки платформи на одговорност.

