Македонската берза ја внесе АЛТА банка АД Битола на „Листата за набљудување“, откако Народната банка на Република Северна Македонија донесе решение за воведување администрација во банкарската институција.
Одборот на директори на Берзата ја донесе одлуката согласно член 61-а од Правилата за котација со цел информирање на пазарот и инвеститорите.
„Внесување на друштвото АЛТА банка АД Битола на Листата за набљудување е со цел за обрнување на внимание на инвеститорската јавност поради тоа што за друштвото НБРСМ има донесено решение со коешто се воведува администрација во АЛТА банка АД Битола“, се наведува во соопштението.
Ставањето на оваа листа не значи автоматски прекин на тргувањето со акциите на банката, туку претставува механизам преку кој Берзата ја известува јавноста за значајни околности кои можат да влијаат врз носењето инвестициски одлуки.
Листата за набљудување им овозможува на инвеститорите на едно место да ги следат одбраните акции и други финансиски инструменти, нивните ценовни промени и пазарни движења.

