Меѓународна министерска конференција посветена на развојот и стратешкото значење на Паневропскиот коридор 8 денеска се одржува во Софија. Македонија на форумот ќе ја претставува министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Муцунски ќе се обрати на панелот „Геостратешки контекст на Коридорот 8“, на кој ќе се разговара за неговото значење во актуелните геополитички, безбедносни и економски услови, како и за забрзување на реализацијата на инфраструктурните проекти.

Конференцијата има за цел да поттикне политички и експертски дијалог и подобра координација меѓу земјите и институциите вклучени во изградбата на Коридорот 8.

Во фокусот од македонска страна е железничкото поврзување со Бугарија. За третата фаза од пругата Крива Паланка–Деве Баир, долга 22 километри, обезбедени се 149 милиони евра грант од ЕУ, како и 175 милиони евра кредити од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.

Коридорот 8 ја поврзува јадранската со црноморската транспортна оска и минува низ Албанија, Македонија и Бугарија. За Македонија тој е значаен за железничкото и патното поврзување со соседните земји и со европскиот транспортен систем.

Exit mobile version