Нашата програма на локалните избори се состои од четири столба и повеќе капитални проекти што ќе го подобрат квалитетот на животот на прилепчани, порача кандидатката за градоначалник на Прилеп од СДСМ и коалицијата, Петра Лукароска.
Таа вечерва во фоајето од Центарот за култура „Марко Цепенков“ ја претстави изборната програма.
-Првиот столб во нашата програма е функционален и безбеден јавен пристап во кој обрнуваме внимание на хигиената во градот, на дивите депонии, на кучињата скитници за безбеден да биде градот. Вториот столб е чиста и здрава животна средина со засадување нови садници, средување на депониите во околината, хигиената, со одржување на екологијата, фотоволтаици на општинските претпријатијата. Третиот столб е општина по мерка на граѓаните во кој општината ќе ја зголеми транспарентноста при што граѓаните ќе ги добиваат сите потребни информации. Ќе има фондови за поддршка на млади, на земјоделки, поддршка на самохрани родители. Четвртиот столб е младите во фокусот. Мора да има младински културен центар, функционалем младински сојуз со буџет, да има стартапи и едукација за претприемачи за млади за да можеме младите да ги задржиме тука, изјави Лукароска на презентацијата.
Покрај четирите столбови во програмата, фокусот е и на инфраструктурата која ќе го подобри квалитетот на животот на граѓаните во Прилеп, а се подготвени и неколку капитални проекти.
-Еден од капиталните проекти ќе биде паркинг простор над градската река со капацитет за 100 возила. Вториот капитален проект е „Топташ скајлајт“ со вело и мотокрос патеки, со простор за прошетки и рекреација, обнова на планинарскиот дом „Дервен“ како три нови велосипедски патеки во градот.
На вечерашната презентација беше претставена и кандидатската листа на советници чиј носител е Драгица Николоска.
-Листата ја претставуваат чесни и посветени луѓе. Нашиот глас во советот ќе биде слушнат онолку силно колку што ќе успееме да ги доловиме проблемите на граѓаните и да понудиме решенија. Советничката листа на СДСМ може да го направи тоа, рече Николоска, носител на кандидатската листа на советници за Прилеп од СДСМ и колацијата