Maкедонскиот министер за култура и за туризам Зоран Љутков вечерва во Нови Сад присуствуваше на Македонска вечер – настан организиран во соработка со Новосадскиот саем, која како што нагласи е „исполнета со автентични вкусови, звуци и бои што ја раскажуваат приказната за една мала, но извонредно богата земја“.
Во говорот, тој изрази искрена благодарност до организаторите на 56. Меѓународен саем за туризам, туристичката организација на градот Нови Сад, како и до сите партнери и соработници кои овозможија Македонија годинава да биде земја партнер на овој престижен настан.
Педесет и шестиот Меѓународен саем за туризам се одржува од 27 до 29 ноември, на 6.000 метри квадратни изложбен простор на Новосадскиот саем каде се претставуваат 250 учесници од 10 држави.
-Туризмот е мост што ги поврзува луѓето и културите, што создава пријателства, урива бариери и не потсетува дека убавината на светот е најголема тогаш кога се споделува. Вашето присуство вечерва е вистинска привилегија за да споделиме дел од нашето културно наследство, што не се мери само во традиции, туку и во чувството на припадност, во топлината на гостопримството и во љубовта со која тоа е создавано со векови. Се надевам дека зад вас е успешен ден, исполнет со нови партнерства, размена на добри практики, визии за развој и за продлабочување на соработката во туристичкиот сектор, изјави Љутков.
Министерот Љутков упати искрена покана да се посети нашата држава.
-Ве поканувам, искрено и од срце. Една посета ќе биде доволна за да сакате да се вратите повторно, затоа што Македонија не е само дестинација. Северна Македонија е доживување. Тоа е земја со душа…Тоа е земја каде што планинските масиви се издигаат со достоинство и ја носат силата на Балканот. Македонија е мозаик од култури, религии и приказни, место каде што античките локалитети и отоманските споменици се надополнуваат со современиот пулс на градовите, изјави Љутков.
Земја чиј фолклор, посочи Љутков, е жив, чија музика ја буди носталгијата, а чија кујна ја топи секоја бариера меѓу непознати луѓе.
-И токму затоа, вечерва, со гордост ви нудиме дел од тоа богатство, храна подготвена со трпение, музика полна со ритам и душа, фолклор кој е слика на нашата вековна идентичност… Дојдете да ги почувствувате мирот на езерата, свежината на планините, енергијата на градовите и топлината на нашиот народ. Дојдете да прошетате низ места каде што историјата и природата живеат како едно, потенцира министерот Љутков.
На Македонската вечер настапија хорот и оркестарот на ансамблот за народни игри и песни „Танец“ – симболот на македонската култура и уметност, најголемиот презентер на македонското фолклорно творештво. Oд страна на домаќините настапи Позитив бенд.
Македонскиот министер за култура и туризам, Зоран Љутков вчера во името на нашата држава прими во Нови Сад пехар за благодарност доделен на држава партнер на Меѓународниот саем за туризам што се одржува во Нови Сад. Тој притоа изрази искрена благодарност за довербата дадена на државава да биде земја партнер на Саемот за туризам во Нови Сад.
-Туризмот е сектор што се гради врз доверба, размена и соработка и токму ваквите настани создаваат платформа за нови идеи и силни партнерства, нагласи македонскиот министер вчера.
Саемот за туризам во Нови Сад е во својата шеста деценија и досега помина низ неколку трансформации. Од 2022 година, тој доживува нова „младост“ во ноемвриски термин, што е резултат на добрата соработка со изложувачите и нивните желби. Овој нов термин е создаден и за новите искуства – како што Македонија, како земја партнер – ги носи за време на одржувањето од 27 до 29 ноември.

