Литванија превентивно го засилува надзорот на својата граница со руската енклава Калининград, при што за поддршка на граничната полиција ќе бидат распоредени до 100 војници.

Министерот за внатрешни работи Мартинас Кателијнас изјави дека побарал воена поддршка, нагласувајќи дека состојбата на границата во моментов е мирна и дека станува збор за превентивна мерка.

Министерот за одбрана Робертас Каунас го одобрил распоредувањето и најавил дека војниците ќе останат на границата неколку недели, додавајќи дека нивниот број и времетраењето на ангажманот ќе зависат од развојот на ситуацијата.

Како клучни причини за оваа одлука, надлежните министри ги наведоа неодамнешниот инцидент на границата меѓу Латвија и Белорусија – каде маскирани лица наводно се обиделе да префрлат група мигранти – како и пошироката безбедносна состојба во регионот и индициите за можна руска мобилизација.

Литванија, која е членка на НАТО и на Европската Унија, граничи со руската енклава Калининград и со Белорусија, која е сојузник на Русија.

Exit mobile version