Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против четири лица осомничени дека со години изнудувале пари од граѓани, користејќи ја нивната финансиска зависност од претходно земени позајмици. За тројца е побаран притвор, додека четвртиот осомничен подолг период е надвор од државата.
Според Обвинителството, криминалната група ја формирал жител на Куманово, а функционирала од 2021 година. Осомничените давале заеми со високи камати, а потоа со закани ги принудувале должниците да плаќаат дополнителни суми, да им предаваат имот или да ги ставаат своите банкарски сметки на располагање за перење пари.
Една од жртвите позајмила 4.000 евра, со договор за само еден месец да врати дополнителни 2.500 евра камата. Иако го исплатила целиот износ, осомничениот продолжил да ѝ се заканува, барајќи да ја користи нејзината банкарска сметка. Откако одбила, групата изготвила фиктивни договори за купопродажба на нејзиниот автомобил и за наводен заем од еден милион денари. Потписите на жената биле фалсификувани, а документите заверени на нотар без нејзино знаење. Автомобилот бил префрлен на еден од осомничените, а жртвата била принудена да плати и дополнителни пари.
Меѓу оштетените е и граѓанин кој во 2021 година двапати позајмил по 180.000 денари за лекување на сопругата. Иако ги вратил позајмиците, осомничените продолжиле да му бараат камати и го принудиле да ја користат неговата сметка за префрлање пари од изнуди, прикажани како легални заеми, кои потоа ги подигале во готовина.
Истрагата опфаќа кривични дела злосторничко здружување, изнуда и перење пари. Осомничен е и нотарот кој ги заверил фиктивните документи, за кривично дело несовесно работење во службата. За него Обвинителството побарало мерки на претпазливост.

