Конференција: Многу е важно и младите да бидат гласни во заедничката борба со корупцијата

Шеесет и три проценти од младите сметаат дека најприсутно коруптивно однесување е влијание од роднинско-пријателски односи, 62 отсто ја посочуваат корупцијата во вид на вршење услуги или давање поткуп и 48,6 отсто сметаат дека давањето поткуп е најприсутно кога станува збор за корупција.

Тоа го покажува истражувањето во рамки на проектот „Млади против корупција“ кој од февруари годинава го спроведува Коалицијата на младински организации СЕГА во партнерство со Агенција за млади и спорт и СИ Комуникации.

Зоран Илиески, извршен директор на Коалицијата СЕГА на завршната конференција од проектот истакна дека се загрижувачки последните податоци од системот за мониторинг на корупцијата во 2021 година во земјава кои потенцираат недостиг од институционални механизми кои ќе превенираат корупција. Истражувањето покажало оти една третина од граѓаните сметаат дека биле дел или чувствуваат дека учествувале во некакво коруптивно однесување.

-Ако тргнеме од тој факт, околу 540 илјади граѓани во Македонија учествувале во коруптивни однесувања, а самиот факт дека во 2020 само 87 лица се осудени за корупција, покажува дека е неопходна системска промена и реформи во правосудниот систем. Кон ова треба да се додаде и фактот дека само 0,015 проценти од случаите што биле покренати досега се решени. Бројките се катастрофални – 0,015 едвај треба да го избориме за да сфатиме колку судството делува во решавањето на овие проблеми, рече Илиески.

Овие податоци, нагласи тој, потврдуваат дека младите заминуваат не поради социјални и егзистенцијални прашања, туку поради прашања што се однесуваат и потекнуваат од корупцијата и нефункционирање на системот.

-И други наши истражувања потврдуваат дека основен мотив за заминување од државата е неверување во институциите на системот, што нив ги прави демотивирани и единствениот начин го гледаат да заминат отколку да останат и да се борат или да бараат решенија во тој процес, додаде претседателот на Коалицијата СЕГА.

На завршната конференција од проектот „Млади против корупција“, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска порача дека младите треба да бидат двигател во борбата против корупцијата и, како што рече, „високо да го кренат гласот секогаш кога ќе наидат на некаква неправда или на нешто што се коси со законот или со нормите и вредностите на однесување“.

-Тука сме ние, институциите, и сите заеднички во борбата да успееме против ова навистина рак-рана на општеството. Не може една институција самата да се бори против корупцијата, дури и Европската комисија тоа го бележи дека во оваа борба се потребни сите институции, сите поединци и придонесот од секој е многу значаен за градење здраво општество, изјави Ивановска.

Смета дека почнало гласно да се говори за овој проблем и дека е тоа добар почеток, но оти кон таа гласност треба да се приклучат младите.

30.11.2022 - 14:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега