Комеморација во чест писателот Исмаил Кадаре
Во чест на неодамна починатиот албански книжевник Исмаил Кадаре, попладнево се одржа комеморација во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар, која ја организраше Светскиот албански сојуз - Собрание за РСМ.
На комеморацијата, Шпенд Бајрами, првиот човек на оваа организација напомена дека Албанците со смртта на Кадаре загубиле значајана личност.
- Ние, Албанците, не бевме подготовени да се збогуваме со Кадаре. Тој уште ни е потребен и сега кога замина и физички не е меѓу нас, ни остана голема празнина. Кадаре ни остави големо јазично и литературно наследство, ја збогати јазичната лексика. Кадаре ќе се чита и неговите пораки ќе бидат водилка за албанската заедница, рече Бајрами.
Во обраќањето в.д. градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани нагласи дека смртта на Кадаре е загуба за целата албанска нација.
Обраќања во кои се нагласи значајот на делото на овој албански книжевник и неговиот живот имаа албанологот и универзитетски професор Измит Дурмиш и поетот Бајрамали Селими.
Исмаил Кадаре почина во понеделник на 1 јули на 88 годишна возраст во Тирана. Тој важи за еден од најзначајните албански писатели од поновата историја.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа