Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска порача дека јавните средства мора да се користат законски, наменски, ефикасно и одговорно, оценувајќи дека силните институции и добрата финансиска контрола се клучни за довербата на граѓаните.

Таа посочи дека во изминатиот период се направени два значајни чекора – зајакнување на соработката меѓу Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија и воведување национален испит и сертификација за внатрешните ревизори во јавниот сектор.

Со потпишувањето на Меморандумот за соработка со Државниот завод за ревизија, според министерката, треба да се подобри координацијата меѓу институциите, размената на податоци и искуства, како и откривањето неправилности, измами и коруптивни дејствија.

„Ова партнерство значи поголема координација, размена на знаења, искуства и податоци, унапредување на професионалните капацитети и примена на европските стандарди. Нашата цел е јасна – посигурен, поефикасен и поодговорен систем на јавни финанси“, порача Димитриеска-Кочоска.

Паралелно, за првпат во земјава ќе се спроведе национален испит за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор, а ќе биде воспоставен и систем за национална сертификација.

Според министерката, професионализацијата на внатрешната ревизија треба да придонесе за посилни капацитети во институциите, подобра контрола и поголема одговорност при управувањето со буџетските средства.

„Надворешната и внатрешната ревизија имаат различни улоги, но заедничка цел – јавните средства да се управуваат законски, наменски, ефикасно и одговорно“, истакна таа.

Овие процеси се дел од пошироките реформи во системот на финансиска контрола и неговото усогласување со европските стандарди, а се поврзани и со обврските во рамки на Поглавјето 32 – Финансиска контрола и со реформите од Реформската агенда.

„Секој денар од Буџетот и секое евро од европските фондови се средства на граѓаните, а наша обврска е да обезбедиме тие да се користат одговорно и во нивен интерес“, порача Димитриеска-Кочоска.

Exit mobile version