Инфлацијата во еврозоната се очекува дополнително да забрза во август и да достигне 3,3 проценти на годишно ниво, што би било највисока стапка од 2023 година. Во јули инфлацијата изнесуваше 2,9 проценти, покажува анкетата на „Блумберг“ меѓу 31 економист.

Главен двигател на растот на цените повторно е енергијата, во услови на продолжени тензии на Блискиот Исток и повисоки трошоци за гориво. Се очекува забрзување и во Германија и Италија, додека последните податоци од Шпанија и Франција веќе покажаа посилен ценовен притисок од очекуваниот.

Новите податоци ќе бидат особено важни за Европската централна банка, која на 10 септември треба да донесе нова одлука за каматните стапки. На пазарите растат очекувањата дека ЕЦБ повторно ќе ги зголеми трошоците за задолжување доколку инфлацијата продолжи да се оддалечува од целта од два процента.

Одредено олеснување за ЕЦБ е тоа што базичната инфлација, која ги исклучува променливите цени на енергијата и другите нестабилни категории, се очекува да остане околу 2,5 проценти. Сепак, поскапувањето на бензинот и другите енергенти може да продолжи да ја турка вкупната инфлација нагоре.

За Германија се прогнозира инфлација од 3,1 процент, највисока од почетокот на 2024 година, додека во Италија се очекува стапка од околу 3,4 проценти, што би било највисоко ниво во речиси три години.

Дел од претставниците на ЕЦБ веќе предупредуваат дека инфлацискиот притисок нема сам да исчезне и дека може да биде потребно ново зголемување на каматните стапки за да се спречи долгорочно задржување на растот на цените над целта на централната банка.

Exit mobile version