Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска негира каква било вклученост на нејзиниот ресор во процесот за преземање на Стопанска банка Битола од страна на Алта банка.
Реакцијата доаѓа откако гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, јавно изјави дека консултирал претставници од Владата за ова прашање. Сепак, Кочоска тврди дека такви разговори со неа или со нејзиното министерство никогаш не биле водени.
„Ние како министерство не сме имале апсолутно никаква комуникација, ниту знаеме дека оваа банка имала преговори, ниту знаевме кои претходно други институции, банки биле заинтересирани. Така што најодговорно тврдам дека Министерството за финансии немало никаква комуникација со гувернерот по основ на ова прашање“, рече Кочоска.
Таа ги смирува граѓаните дека учеството на оваа банка во вкупниот сектор е занемарливо и дека стабилноста на финансиите не е загрозена. За надминување на нејаснотиите и разгледување на состојбите во банкарскиот сектор, за денеска е закажана средба меѓу Кочоска и гувернерот Славески.

