Првите 30.000 вакцини против сезонски грип се пристигнати, а втората тура од 26.000 дози се очекува до 15 ноември, изјави министерот за здравство Сашо Клековски. Според него, во моментов се организира логистиката со центрите за јавно здравје, а почетокот на вакцинацијата е закажан во стандардните термини, од 16 до 25 октомври.
Клековски најави дека тој ќе биде првиот што ќе се вакцинира за да го поттикне пријавувањето кај граѓаните.
Кај нас вакцинацијата ќе почне порано отколку кај некои од соседите, кои се многу поразвиени, зборувам не за првите соседи, туку за некои од соседите што ќе почнат со вакцинација во ноември. Мислам дека целата акција за вакцинација против сезонскиот грип ќе се одвива навремено и соодветно. Имаме 56.000 дози и работиме да постигнеме до 80.000 дози. Значи, ни беше важно да стигнат 30.000 вакцини и да почнеме веднаш со најризичните групи. На 15 ноември ќе ги имаме следните 26.000, а во меѓувреме ќе потрудиме да ги обезбедиме и остатокот до 80.000 дози – рече Клековски.
Министерот појасни дека при почетокот на вакцинацијата со првите 30.000 дози, предност ќе им биде дадена на ризичните групи според дијагноза во центрите за јавно здравје.
Пријавувањето мора да биде во модулот во „Мој термин“ за да имаме увид за севкупната состојба – додаде Клековски.

