Претседателот на УМС Центар, Атанас Георгиев, денеска од булеварот „Климент Охридски“, кај поранешниот Кинг Бургер и Маршалот, ги повика лидерот на СДС, Венко Филипче, и градоначалникот/претставник на локалната власт Горан Герасимовски, лично да дојдат на локацијата и да видат како се градат нови објекти еден до друг.
Според Георгиев, новите градби отвораат сериозни прашања за условите за живот, минималниот простор меѓу зградите, како и за недостигот на паркинг-простор и зеленило во срцето на општина Центар.
„Господине Филипче, господине Бетон Герасимовски, ве повикуваме заедно да дојдете на оваа локација. Дојдете и погледнете што се гради во Центар. Погледнете колку простор останува меѓу зградите и одговорете им на граѓаните каде се зеленилото, паркинг просторот и условите за достоинствен живот,“ порача Георгиев.
Тој потсети на претходните ветувања дека „тула нема да биде изградена“, додавајќи дека меморијата на граѓаните не е кратка. Според него, развојот на општина Центар не смее да се мери само со бројот на нови станови, туку со условите за живот, особено за младите семејства кои сакаат да останат во општината.

