На Филозофскиот факултет во Скопје денеска ќе се одржи комеморативна седница во чест на проф. д-р Зоран Велковски, истакнат професор и научник кој остави значаен белег во македонското образование и академската заедница.
Велковски ќе остане запаметен по својот исклучителен придонес во науката, образованието и негувањето на човечките вредности, како и по посветеноста на развојот на андрагогијата, образованието на возрасните и доживотното учење.
Роден е на 1 март 1959 година во Скопје. Дипломирал во 1985 година на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде што во 1986 година ја започнал и својата академска кариера како помлад асистент.
Магистерските студии ги завршил во 1993 година, со труд посветен на причините и мотивите за образовната партиципација и неангажираноста на возрасните, а докторирал во 1998 година на тема „Андрагошките аспекти на невработеноста во Република Македонија“. На оваа проблематика ѝ ја посветил и монографијата „Lacrimae Mundi или Солзите на светот“.
Во текот на својата кариера бил директор на Педагошкиот завод на Република Македонија, раководител на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет и раководител на студиската програма за втор циклус студии по менаџмент во образованието.
Од 2004 до 2008 година ја извршувал функцијата проректор за настава на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во период кога се спроведувале значајни реформи во високото образование, вклучително и имплементацијата на Болоњскиот процес и Европскиот кредит-трансфер систем.
Неговиот професионален и научен ангажман, како и придонесот во развојот на образовниот систем, оставија трајна трага во македонската академска средина.

