Собранието по скратена постапка ги усвои законските измени што воведуваат нови правила за унапредување, оценување и дисциплинска одговорност на административните службеници. Додека од власта оценуваат дека со нив се исправуваат претходни пропусти, опозициската СДСМ предупредува дека дел од одредбите отвораат простор за политички притисоци.
Според информациите со новите законски решенија се укинува можноста за унапредување без објавување интерен оглас, со цел да се обезбеди доследна примена на мерит-системот. Меѓу новините е и престанокот на работниот однос по сила на закон доколку службеникот две години по ред добие оценка „1 – не задоволува“. Измените треба да овозможат побрзи и поекономични постапки, а со нив се уредува и статусот на службениците во Собранието и регулаторните тела.
Опозицијата не ги поддржа измените. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, обвини дека владејачкото мнозинство претходно ја укинало независноста на собраниската служба, а сега повторно се враќаат веќе постоечки решенија.
„Луѓето во Собранието го имаа ова пред шест години како право и го има од 2020 година до 2024 година, додека ВМРО-ДПМНЕ не дојде на власт. И се сеќавате дека тоа го укинаа како право“, рече Спасовски, додавајќи дека не треба да се претставуваат како новини работи што веќе биле воспоставени.
Спасовски предупреди и на ризикот од злоупотреби кај одредбите за преместување и оценување.
„Собраниската служба треба да има независност и тука нема дилема, но собраниската служба не може преку други одредби таа независност да ја губи и на директен начин да се врши собраниски притисок, политички, којшто го има“, истакна тој.
Од друга страна, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оцени дека со новите измени се корегираат пропусти што претходната власт не ги отстранила.
„Една работа да пофалевте, да речете добро е – се исправи една работа“, рече Мицевски, посочувајќи дека во периодот од 2019 до 2024 година, кога СДСМ била на власт, не биле исправени одредени недостатоци.

