Катче за најмалите - Дечињата во Мралино добија две нови игралишта
Општина Илинден постојано работи на реконструкција и урбанизација на сите населени места со цел задоволување на потребите на сите граѓани. Деновиве, израдувани беа најмалите жители на населеното место Мралино, кадешто во употреба беа ставени две детски игралишта. Едното игралиште се наоѓа на дел од улица „7“, додека пак другото е во дворот на ПООУ „Ристо Крле“.
Во рамки на двете детски игралишта се поставени реквизити: лулашки, клацкалки, лизгалки и фигури со коњче, како и клупи и канти за отпадоци, како неопходен и неизоставен дел за уредување и одржување на просторот. ПООУ „Ристо Крле“, може да се пофали и со новиот хортикултурно уреден парк и партерно уреден двор со бекатон плочки на површина од 722 м2, нов паркинг простор и патеки околу училишната зграда.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид на детските игралишта и истакна дека освен во просторното уредување и реконструкција, овие детски игралишта се од особена важност за релаксација и рекреација на најмалите жители на општината. Градоначалникот додаде дека во овие спортско-рекреативни катчиња, најважните членови на општеството ќе уживаат во игра и забава исполнети со спортски дух.
Новите детски игралишта претставуваат континуитет на успешните проекти на Општина Илинден за урбанизација и уредување на сите населени места во општината. Во наредниот период ќе бидат изградени нови и реконструирани постојните игралишта и во останатите населени места.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа