Јулија Навални во среда ќе зборува пред европратениците во Стразбур
Јулија Навални, сопругата на починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, следната среда ќе им се обрати на европратениците во Стразбур. Ова е наведено во програмата на седницата на Европскиот парламент за следната недела.
Таа пред неколку дена зборуваше и пред Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.
Европратениците ја поканија Навални во знак на почит кон животот и работата на нејзиниот сопруг. Во четврток се очекува ЕП да усвои резолуција со која „ќе се осуди режимот на рускиот претседател Владимир Путин и ќе се изрази поддршка за претставниците на руската опозиција, новинарите и бранителите на човековите права во Русија“.
Алексеј Навални беше прогласен за добитник на наградата на ЕП за слобода на мислата „Сахаров“ за 2021 година, а наградата ја прими неговата ќерка Дарија. Пред неколку дена Јулија Навални објави дека одлучила да го продолжи неговото дело и ја повика ЕУ да не ги признава претстојните претседателски избори во Русија на 17 март. Нејзиниот повик го поддржаа и други претставници на руската опозиција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа