Чекорот на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) е логичен след на настаните преку кој ќе се констатира повреда на правото на правично судење, смета поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Во интервју за МИА, таа истакна дека уште од самиот почеток на случајот „Тенк“ било очигледно дека не постои кривично дело, но постапка се водела под притисок на „силна пропагандна машинерија“.

Јанкулоска упати остри критики кон македонското правосудство, обвинувајќи го судот за пристрасност.

„Судот наместо независен арбитер беше партнер и консултант на обвинителството и дејствувајќи заеднички тие беа цврсто одлучени по секоја цена во експресен рок да бидат изречени затворски казни за обвинетите, така што судењето беше обична фарса со однапред познат исход. Почитувањето на процесните правила, доказите и материјалното право слободно можам да кажам дека беа на значително пониско ниво од она што го имале Нирнбершките процеси во времето во кое се случувале, па дури и на пониско ниво од судењата за време на Информбирото во однос на остварување на просецните права“, вели Јанкулоска.

Таа очекува повторување на постапката и бара одговорност од главните актери вклучени во, како што вели, политичкиот прогон.

„За жал, за претрпените трауми за мене и моето семејство на личен план, за последиците на професионален план и најмногу за изгубеното време и годините кои мојот син неправедно ги помина без мајка, не постои компензација. Тоа е неправда и штета која е непоправлива, а последиците се трајни“, рече Јанкулоска.

Exit mobile version