Секогаш ќе има поединци што ќе го злоупотребуваат системот, но битно е дека МВР и правдата функционираат. Човекот е откриен, се води истрага и понатаму ќе ги сноси сите консеквенции за нелегалните активности што ги направил – изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во врска со истрагата што вчера ја отвори МВР за вработен на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип поради сомнителни манипулации со оценки и испитни бодови.
Министерката истакна дека ги охрабрува студентите, вработените на универзитетите и факултетите и сите граѓани да пријавуваат вакви нелегални активности.
– Системите на факултетите се електронски, меѓутоа секогаш има човек што работи на тој систем. Секогаш може да се случи незаконско дејство, но важно е дека ние сме успеале тоа да го откриеме. Важно е да го спречиме и да им пратиме порака на другите кои би помислиле дека може такво нешто да направат, да се откажат од тоа. Не е прв случај во кој имаме пријави. Секаде каде што сме имале пријави, ДПИ (Државниот просветен инспекторат) постапува и имаме и неколку случаи за кои се водат судски постапки, ќе видиме како ќе завршат. Овде ДПИ нема зошто да постапува, полицијата постапува – изјави Јаневска по промоцијата на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026 – 2030.

