По трагедијата во Богданци, во која беа пронајдени две безживотни тела, а на која ѝ претходела пријава за партнерско насилство врз 17-годишна девојка, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство излезе со остра реакција. Од Мрежата бараат итна, темелна и независна истрага за сите околности на случајот, со посебен фокус на постапувањето на институциите по претходната пријава.
Од организацијата потсетуваат дека пред само осум месеци јавноста беше потресена од убиството на Ивана и нејзината шестгодишна ќерка, по што беа најавени итни законски измени и реформи во системското постапување. Сепак, осум месеци подоцна, измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство сѐ уште се предмет на политички одложувања во Собранието.
Според информациите со кои располагаат, дел од парламентарното мнозинство ги оспорува предложените решенија оценувајќи ги како „премногу прогресивни“ поради употребата на поимите „родова еднаквост“ и „родово базирано насилство“.
„НЕДОЗВОЛИВО е заштитата на жените и децата да биде заложник на идеолошки несогласувања. НЕДОЗВОЛИВО е осум месеци по трагедијата со Ивана повторно да бараме одговори на истите прашања“, стои во реакцијата.
Од Националната мрежа нагласуваат дека дополнителен проблем претставуваат и јавните личности и политичари кои отворено шират ставови со кои се оправдува машката контрола врз жените и се релативизира партнерското насилство, наместо истото јавно да биде осудено.
Барања на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство:
- Итна истрага за трагедијата во Богданци, која ќе вклучи целосна проверка на претходното постапување на полицијата, обвинителството и социјалните служби, како и на проценката на ризик.
- Итно јавно произнесување на Собранието за статусот на предложените законски измени поднесени во август, причините за нивното одложување и утврдување конкретен рок за постапување.
- Одговор од Владата до каде е процесот на усогласување и на другите закони кои требаше да бидат подготвени од работната група по фемицидот на Ивана.
- Итно ставање во собраниска процедура на законските измени, без политичко условување и без отстранување на поимите родова еднаквост и родово базирано насилство.
- Јасна политичка одговорност од Владата и парламентарното мнозинство за неспроведувањето на преземените обврски.
- Системски промени за секоја пријава за насилство да биде проследена со соодветна проценка на ризик и навремени мерки за заштита.
- Недвосмислена јавна осуда на говорот што ја оправдува контролата и насилството врз жените, особено кога доаѓа од носители на јавни функции.
Оттаму порачуваат дека доколку парламентарното мнозинство не е способно да обезбеди донесување на законите неопходни за заштита на жените и децата, мора јавно да ја преземе политичката одговорност за таквата блокада.

