Новата учебна 2026-2027 година започнува утре за 238 илјади ученици во основното и средното образование. Наставата ќе трае до 10 јуни, додека за матурантите ќе заврши на 17 мај, информираше денеска на прес-конференција министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска.
Учебниците за новата учебна година се навремено набавени и испорачани до училиштата.
„Трета година по ред, учебниците се навремено набавени во тираж кој го побараа училиштата. Истите се испорачани и уште утре можат да им бидат поделени на учениците. Задоволство ми е што прашањето за учебници повеќе не е предизвик како во минатото. Годинава, набавени се 622 илјади учебници и остварени се заштеди од 50 милиони денари споредбено со годината пред да го преземам раководењето со оваа институција“, рече Јаневска.
Таа додаде дека целосно нови учебници се набавени за прво, второ и трето одделение, за осмо одделение, како и за втора година во гимназиското образование.
Годинава во 620 од вкупно 1.023 училишни објекти е воведена едносменска настава, а во тек е проширување на капацитетите на 14 училишта во Скопје и Градско. За поддршка на учениците со посебни образовни потреби ангажирани се 1.358 асистенти во основните и 166 во средните училишта.
Во однос на бројот на ученици, учебната година ја започнуваат 174 илјади основци и 64 илјади средношколци, а во прво одделение се запишани 14.952 првачиња. Поради недостиг на ученици, времено се затвораат 26 подрачни училишта, а со оптимизацијата на мрежата укинати се 433 паралелки.
„Сега таквите ги обединивме и затоа во образовниот систем ќе имаме 433 паралелки помалку годинава – 222 во основното образование и 211 во средното“, објасни министерката, нагласувајќи дека ниеден редовно вработен наставник не е отпуштен.
Министерката најави и дека во март 2027 година вработените во образованието ќе добијат ново покачување на платите меѓу 7,5 и 10 проценти, во зависност од стапката на инфлација.

