Напорите за унапредување на образованието и науката добија потврда од највисоките органи на Европската Унија во Извештајот за напредокот на Македонија за 2026 година, а со исполнувањето на сите досега предвидени цели од Реформската агенда државата добива поврат на средства во буџетот во износ од 19,2 милиони евра, соопшти денеска министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на 19. состанок на Секторската работна група за образование, вработување и социјална политика.
На настанот, на кој присуствуваа и министрите Ѓоко Велковски и Бесар Дурмиши, како и претставници на домашни институции, ЕУ, меѓународни организации и граѓанскиот сектор, Јаневска истакна дека е зајакната законската и стратешката рамка преку новата Стратегија за образование 2026–2032, нови формули за финансирање, воведување кариерни советници и проширување на едносменското работење и регионалните центри за стручно образование, каде сега се запишуваат над 70 отсто од учениците во една генерација со практична обука во 1.000 компании. „Сите цели од Реформската агенда во делот на образованието и науката, предвидени за периодот досега, се исполнети и за тоа, добиваме поврат на средства во државниот буџет во износ од 19,2 милиони евра. Пристапивме одговорно и работевме посветено, така што дел од целите се остварени и предвреме“, рече Јаневска.
Во делот на науката и дигитализацијата, таа ги посочи функционирањето на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво ИНОВА, учеството во програмите COST и „Хоризонт Европа“, интеграцијата на вештачката интелигенција во наставата и ангажирањето на рекордни 1.602 образовни асистенти во основното и првпат 190 во средното образование, но на крајот предупреди на итната потреба од донесување на новите предлог-закони за високо образование и наука кои се заглавени во Собранието.

