Оперативната реализација на Акцискиот план за заловување, собирање, ветеринарно-здравствена контрола, транспорт и привремено сместување на говеда одземени со правосилни решенија во Општина Крива Паланка започна денеска, откако Координативниот штаб во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) ги утврди конкретните задолженија на вклучените институции.
На состанокот биле дефинирани потребните човечки, технички и логистички ресурси и организацијата на теренските активности, а како следен чекор е предвидено мапирање на локациите каде што е концентриран добитокот, неговата бројност, распространетост и пристапност. „Со воспоставувањето на овој механизам на институционална координација создаваме оперативни предуслови за системско и трајно надминување на проблемот со кој се соочуваат жителите на Крива Паланка. Приоритет е заштитата на граѓаните, нивниот имот и земјоделското производство, преку ефикасно спроведување на законските решенија, со истовремено почитување на стандардите за здравствена заштита и благосостојба на животните. Од суштинско значење е секоја институција одговорно и ефективно да го реализира својот дел од преземените обврски“, истакнал министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски.
Во почетната фаза одземените говеда ќе бидат примопредадени на казнено-поправните домови во Идризово и во Прилеп, со можност дел од добитокот во текот на процесот законски да биде отстапен на здруженија на сточари и млади сточари, додека во спроведувањето на планот учествуваат и Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за управување со одземен имот, МВР, ДЗС, ЦУК и Бирото за процена.

