Придонесот на генерации инженери школувани на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се гледа каде и да одите низ Македонија, а овие инженери се ценети и надвор од државните граници, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на одбележувањето на 77-годишнината од основањето на факултетот.
Говорејќи за значењето на институцијата и нејзиното следење на светските трендови во дигиталната трансформација, зелената транзиција и климатската адаптација, министерката Јаневска нагласи:
„Преку научно-истражувачка работа и учество во европски иницијативи и проекти, факултетот ги поврзува науката, иновациите и практиката. Меѓународната соработка што факултетот ја негува со бројни универзитети и институции, им овозможува на студентите и професорите да бидат дел од современите градежни текови, да разменуваат искуства и да создаваат знаење применливо во реалниот сектор.“
Таа потврди дека Министерството за образование и наука останува партнер во креирањето современо и конкурентно високо образование, поддржувајќи ги заложбите за квалитетна настава и научен напредок. Јаневска додаде дека факултетот има клучна улога во создавањето кадар подготвен за предизвиците на 21 век, кој придонесува за поодржливи заедници и одговорно користење на природните ресурси.


