Започна асфалтирањето на другата коловозна лента на булеварот „Борис Трајковски“, со што влегува во завршница повеќедеценискиот сообраќајен проблем со кој секојдневно се соочуваа повеќе од 100.000 граѓани, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Според него, проектот кој со децении бил закочен поради недостаток на решителност кај претходните одговорни лица, сега се реализира за нешто повеќе од три месеци.

„За нешто повеќе од три месеци ги решивме проблемите што со децении го кочеа овој проект. Ја ослободивме трасата, изградивме нова атмосферска канализација и сега поставуваме асфалт. Зад секој од овие чекори стојат посветеност, одлуки и решителност да се заврши започнатото“, нагласи Ѓорѓиевски.

Тој истакна дека до крајот на годината скопјани ќе добијат целосно завршен, модерен и безбеден булевар, додавајќи дека секој поставен метар асфалт претставува почит кон граѓаните кои предолго чекале.

„За мене, секој поставен метар асфалт е почит кон луѓето кои предолго чекаа. Кон работникот што брза на работа, кон родителот што го носи детето на училиште, кон секој човек што заслужува побезбедно и побрзо да стигне дома“, порача Ѓорѓиевски.

Exit mobile version