Дронови нападнаа два трговски брода во Црното Море, околу 130 километри од бугарскиот брег. Едниот брод, „Алфа Ватан“, кој пловеше под знамето на Того, потона на самото место, додека вториот брод, „Абл“, под знамето на Палау, се запали, а екипажот беше евакуиран со двајца повредени.
Ова е прв ваков напад во економската зона на членката на НАТО, Бугарија, од почетокот на војната во Украина. Бугарскиот премиер Румен Радев истакна дека ситуацијата е исклучително загрижувачка.
„Ситуацијата е исклучително загрижувачка, тоа е факт. Сè уште не можам да кажам на која страна припаѓаат беспилотните летала што ги нападнаа бродовите. Сè уште не сме го утврдиле потеклото на нападите, но едно е јасно: тие се или руски или украински“, рече Радев, предупредувајќи дека војната се шири географски и дека ескалацијата стигнала до цивилни бродови.
Радев нагласи дека ги информирал Советот на ЕУ и НАТО, но посочи дека членовите 4 и 5 од Северноатлантскиот договор не можат да се активираат бидејќи инцидентот се случил во неутрални, а не во територијални води.
„Овој инцидент се случил на 130 километри од нашиот брег. Иако спаѓа во нашата економска зона, сè уште не се смета за територијални води, туку е класифициран како неутрални води. Слични напади се случиле во Полска и Романија, каде што дури била погодена и станбена зграда. овие прашања се поставуваат пред НАТО, а таму се донесуваат одлуки за природата и формата на одговорот“, изјави тој.
Инцидентот предизвика остри политички реакции во земјата, каде опозициската партија ГЕРБ и поранешниот министер Асен Василев ја критикуваа владата за недостаток на соодветна одбрана и безбедносни системи. Паралелно, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека нападите врз цивилни бродови се неприфатливи, додека романските власти потврдија сличнo потонување на брод во нивна близина претходниот ден.


