Седумдесет и четиригодишен жител од тетовскиот регион бил измамен за 400 евра од лице кое му ветило дека ќе му помогне да оствари право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице.
Според пријавеното во СВР Тетово, случајот започнал во февруари годинава кога Ш.А. од селото Доброште му понудил на 74-годишникот посреднички услуги за добивање на надоместокот преку Центарот за социјални работи Тетово, за што му наплатил 400 евра.
Откако со месеци не добил никаков одговор за процедурата, ниту пак му биле вратени парите, оштетениот сфатил дека е жртва на измама и на 5 ноември го пријавил случајот во полиција.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека полициски службеници преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.

