Украинската армија за прв пат изврши евакуација на ранет војник од самата фронтовска линија со помош на летачки дрон, објави британскиот весник The Telegraph.
Војската објави видеоснимка на која се гледа како дронот се спушта, по што војникот закачува кабел околу своето тело и бива кренат во воздух, а потоа на ниска надморска височина се транспортира до побезбедна локација.
„Операцијата беше успешно завршена, ранетиот човек беше спасен! Тој моментално е на лекување и рехабилитација, а неговиот живот повеќе не е во опасност“, соопштија на Фејсбук од единицата за контрола на дронови на 92-та посебна напаѓачка бригада на украинската армија.
Од компанијата производител на дронот, „Гурзуф Дифенс“, објаснија дека ранетиот војник се наоѓал во исклучително опасна зона каде што секој обид за класична спасувачка мисија би претставувал смртен ризик.
„Дронот, хексакоптер „Ајудаг-6“, го префрлил ранетиот човек на побезбедна локација, каде што неговите соборци го пречекале и го организирале неговиот понатамошен транспорт до болницата“, наведуваат од компанијата.
Единицата за контрола на дронови ја опиша оваа операција како „прва од ваков вид во светот“. Додека војната во Украина интензивно ја трансформираше употребата на беспилотните летала на бојното поле, ова е прв регистриран случај на евакуација на ранети со помош на летачки дрон.

