Општина Илинден воведе нова мерка за финансиска поддршка на семејствата со првачиња кои го започнаа основното образование во учебната 2025/2026 година.
Со мерката се опфатени повеќе од 150 првачиња запишани во општинските основни училишта, а за секое дете е обезбедена еднократна финансиска помош од 3.000 денари.
„Целта е да се намалат дел од трошоците со кои се соочуваат семејствата на почетокот на учебната година“, истакна градоначалникот Александар Георгиевски.
Покрај финансиската поддршка, првачињата традиционално добиле и ранци со училишен прибор.
Од Општина Илинден најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со мерки за поддршка на децата, младите и семејствата, со фокус на подобрување на условите за квалитетно и инклузивно образование.

