Институтот за јавно здравје информира дека будно ја следи состојбата со појавата на хантавирус кај патници и екипаж на крузерот „MV Hondius“ во јужниот Атлантски Океан. Досега се регистрирани осум случаи, од кои три завршиле со смртен исход.
Од ИЈЗ смируваат дека во земјава засега нема опасност од ширење на оваа инфекција.
„Во овој момент нема регистрирани случаи, патници или блиски контакти поврзани со Република Северна Македонија, ниту постојат индикации за ризик по јавното здравје во државата“, соопштуваат од Институтот.
Според СЗО и ЕЦДЦ, инфекцијата најверојатно е поврзана со престој во области каде има присуство на глодари, кои се природни резервоари на вирусот. Иако хантавирусите можат да предизвикаат тешки клинички слики, преносот од човек на човек се смета за исклучително редок.
„Инфекцијата речиси секогаш се случува преку контакт со излачевините од заразени глодари. Меѓутоа, кај Andes вирусот во Јужна Америка е потврден ограничен интерхуман пренос, најчесто при близок контакт преку респираторни секрети“, појаснуваат здравствените власти.
Од ИЈЗ додаваат дека Одделението за вирусологија располага со сите потребни реагенси за детекција на оваа група вируси и остануваат во постојан контакт со меѓународните мрежи.


