Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против двајца управители на фирми и петмина вработени во Агенцијата за управување со одземен имот. Тие се сомничат за злоупотреба на постапка за јавна набавка при продажба на хаварисани возила како старо железо.

Кривичната пријава ги опфаќа Н.И. и Б.Г. како управители, две правни лица, како и вработените во Агенцијата: Ф.А., Г.А., П.К., Ф.Ј. и А.Б.

Според пријавата, осомничените управители во 2021 година, со однапред утврдена намера, ги повредиле прописите за јавен повик. Во постапката, едниот правен субјект бил прикажан како формален конкурент со намерна техничка грешка во понудата, со цел да им се оневозможи наддавање на останатите учесници.

Членовите на комисијата во Агенцијата, Г.А., П.К. и Ф.Ј., заедно со А.Б., свесно помогнале во реализација на оваа шема.

„На овој начин било овозможено склучување договор за продажба на одземени хаварисани возила помеѓу Агенцијата, претставувана од Ф.А., и правниот субјект управуван од Н.И., при што правното лице се стекнало со противправна имотна корист од 2.128.352 денари“, информираат од Финансиската полиција.

Случајот е веќе во рацете на надлежното обвинителство за понатамошно постапување.

Exit mobile version